C Центар за Култура "Браќа Миладиновци" - Струга
Jul, 15

ПРАВИЛНИК ЗА ЗАШТИТЕНО ВНАТРЕШНО ПРИЈАВУВАЊЕ ВО ИНСТИТУЦИИТЕ ВО ЈАВНИОТ СЕКТОР

Службен весник на РМ, бр. 46 од 8.03.2016 година
1 од 5
20160461209
МИНИСТЕРСТВО ЗА ПРАВДА Врз основа на член 4 став (5) од Законот за заштита на укажувачи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 196/15), министерот за правда донесе ПРАВИЛНИК ЗА ЗАШТИТЕНО ВНАТРЕШНО ПРИЈАВУВАЊЕ ВО ИНСТИТУЦИИТЕ ВО ЈАВНИОТ СЕКТОР Член 1 Со овој правилник се пропишува заштитеното внатрешно пријавување во институциите во  јавниот сектор. Член 2 (1) Раководното лице во институциите во јавниот сектор до кои укажувачот извршил заштитено внатрешно пријавување (во натамошниот текст: раководното лице)  назначува овластено лице за прием на пријави доставени заради заштитено внатрешно пријавување (во натамошниот текст: овластено лице). (2) Од страна на раководното лице може да се назначуваат повеќе овластени лица, со тоа што определува кое од нив е одговорно за сумирање на податоците и за изготвување и доставување на полугодишен извештај за примени пријави од укажувачи. (3) Во институциите каде нема овластено лице, заштитеното внатрешно пријавување се врши до раководното лице. (4) Раководното лице пропишува внатрешни процедури за прием на пријави од укажувачи, издвојување и обработка на податоците од пријавите и презема мерки за обезбедување заштита на личните и други податоци кои се однесуваат на укажувачи и на пријави од укажувачи, а применувајќи ги прописите за заштита на личните податоци и заштита на класифицирани информации. (5) Раководното лице до Државната комисија за спречување на корупцијата ги доставува следните податоци за овластеното лице: - име и презиме; - работно место; - телефонски број за контакт; - поштенска адреса и адреса на електронска пошта за прием на пријави; (6) Податоците од ставот (5) на овој член се објавуваат на веб-локацијата на институцијата во кое е назначено овластено лице или на друг начин истите се прават јавно достапни. Член 3 Раководното лице при назначување на овластено лице се раководи од следното: - да е лице вработено на раководно работно место; - да има завршено високо образование во областа на правните, безбедносните или економски науки; - да поседува безбедносен сертификат со степен во зависност од степенот на класификацијата на информациите со кои располага институцијата за каде лицето се назначува; - да има работно искуство во постапување по пријави, односно претставки, работа со странки, вршење надзор, преземање истражни односно инспекциски дејствија, вршење ревизија или внатрешна контрола или друго работно искуство во извршување должности во доверливост, добивање и испраќање податоци до други институции и упатување на странки.
Службен весник на РМ, бр. 46 од 8.03.2016 година
2 од 5
Член 4 (1) Раководното лице на овластеното лице му обезбедува независност и непреченост во работата. (2) Заради обезбедување тајност и заштита на личните и други податоци кои се примаат и обработуваат од страна на овластеното лице, раководното лице, согласно прописите за заштита на личните податоци и прописите за заштита на класифицирани информации, обезбедува и применува соодветни технички и организациски мерки за заштита на податоците од случајно или незаконско нивно уништување, или нивно случајно губење, преправање, неовластено откривање или пристап, особено кога обработката вклучува пренос на податоци преку мрежа и заштита од какви било незаконски облици на обработка. (3) Раководното лице на овластеното лице му обезбедува простор и опрема за работа: - простор за работа соодветен за прием на странки; - посебен компјутер обезбеден со единствено корисничко име и лозинка креирана од овластеното лице и позната само нему, со интернет конекција и посебно електронско сандаче за електронска пошта обезбедено со единствено корисничко име и лозинка креирана од овластеното лице и позната само нему; - посебен приемен штембил; - посебен деловодник; - посебно поштенско сандаче; - посебна телефонска линија; - документарен ормар за обезбедено чување на примените пријави, записниците, примените и создадените документи и други материјали во врска со заштитеното надворешно пријавување, посебниот деловодник и приемниот штембил; - друга опрема за примена на техничките и организациски мерки за заштита на личните и други податоци кои се однесуваат на укажувачи и на пријави, а предвид прописите за заштита на личните податоци и прописите за заштита на класифицирани информации.
Член 5 (1) Овластеното лице врши прием на пријави доставени директно до него од укажувач заради заштитено внатрешно пријавување согласно закон (во натамошниот текст: пријава), поединечно или групно, во писмена форма доставени лично или преку посебно поштенско или електронско сандаче или усно на записник. (2) Заведувањето на примените пријави овластеното лице го врши со ставање посебен примен штембил и евидентирање во посебниот деловодник.
Член 6 (1) Доколку пријавата е добиена усно, овластеното лице составува записник во кој се содржани следните податоци: a)  податоци за укажувачот: - име и презиме, - категорија на лице кое согласно Законот за заштита на укажувачи може да се јави во својство на укажувач, - барање од укажувачот да остане доверлив и степенот до кој тоа го бара; б) податоци за лицето односно субјектот против кој укажувачот пријавува; в) опис на казниво или друго незаконито и недозволиво постапување со кое  се повредува или загрозува јавниот интерес; г) предложени од укажувачот начин и форма на комуникација помеѓу овластеното лице и укажувачот; д)  прилози;
Службен весник на РМ, бр. 46 од 8.03.2016 година
3 од 5
ѓ) датум и место на прием на пријавата; (2) Совпаѓањето на податоците од усната пријава во содржината на записникот се потврдува со личен потпис на укажувачот и овластеното лице за прием на пријави доставени заради заштитено надворешно пријавување. (3) Записникот од ставот (1) на овој член се заведува како примена пријава.
Член 7 (1) Доколку пријавата е доставена во електронска форма на носач на електронски запис односно по електронски пат, овластеното лице го печати записот кој одговара на пријава според содржината, и испечатеното со попишани прилози добиени во форма на електронски записи го заведува како примена пријава. (2) Доколку печатењето на прилозите од ставот (1) на овој член е неекономично, овластеното лице истите ги зачувува во електронска форма на посебниот компјутер обезбеден со лозинка позната само нему. (3) Кога овластеното лице ја проследува пријавата до друга надлежна институција или кога е потребно пренесување на приложените електронски записи заради постапување по пријавата, во случајот од ставот (2) на овој член, овластеното лице извршувајќи ги обврските и одговорностите во примена на обезбедените технички и организациски мерки за заштита на податоците во согласност со прописите со кои се уредува заштитата на личните податоци, електронските записи ги преснимува на носач на електронски запис кој го приложува кон пријавата.
Член 8 (1) Овластеното лице истиот ден по приемот ја заведува пријавата со сите прилози, ја разгледува, ја проучува нејзината содржина и постапува согласно закон. (2) Доколку овластеното лице утврди дека примениот документ односно запис не претставува односно не се однесува на пријава од укажувач, за истото веднаш во предметот  става забелешка која ја евидентира во посебниот деловодник, задржува копие од предметот, а предметот со приложените документи во оригинал го доставува со пропратно писмо до писарницата на надлежната институција. (3) За преземените дејствија од ставот (2) на овој член, овластеното лице без одлагање го известува укажувачот доколку е познат.
Член 9 (1) По приемот и заведувањето на пријавата овластеното лице без одлагање врши проценка на содржината на пријавата за да утврди дали истата е логична и разумна, дали претставува пријава од укажувач согласно Законот за заштита на укажувачи како и дали пријавата содржи доволно елементи за да биде проследена за понатамошно постапување. (2) Во вршењето на проценката од ставот (1) на овој член, овластеното лице може да побара дополнителни информации од укажувачот доколку е познат и да се консултира со други лица, а притоа внимава на заштитата на идентитетот на укажувачот. (3) По извршување на проценката од ставот (1) на овој член овластеното лице донесува заклучоци за понатамошно постапување по пријавата кои се однесуваат на надлежноста односно ненадлежноста за постапување на институцијата каде е назначено и потребното преземање мерки за постапување по пријавата.
Член 10 (1) За наводите од содржината на пријавата и заклучоците од член 9 став (3) на овој правилник овластеното лице без одлагање го известува раководното лице.
Службен весник на РМ, бр. 46 од 8.03.2016 година
4 од 5
(2) По исклучок, доколку овластеното лице во вршењето на проценката од член 9 од овој правилник констатира дека наводите од содржината на пријавата непосредно или посредно се насочени против раководното лице, пријавата ја проследува до надлежната институција согласно закон.
Член 11 (1) Овластеното лице во институцијата до која е доставена пријава по која е надлежна да постапува друга институција согласно закон, најдоцна до осум дена од денот на приемот пријавата ја заведува и ја проследува до надлежната институција. (2) Доколку е пријавено кривично дело против државата, против човечноста и меѓународното право, од областа на организираниот криминал и за кое со Кривичниот законик е пропишана казна затвор од најмалку четири   години, чиешто докажување е проследено со несразмерни тешкотии или не може да се изврши без исказ на укажувачот кој поради можната опасност да биде изложен на заплашување, закана со одмазда или опасност по животот, здравјето, слободата, физичкиот интегритет или имот од поголем обем, не се согласува во својство на сведок да даде исказ, овластеното лице со прибавена писмена согласност од укажувачот без одлагање доставува: - до Министерството за внатрешни работи или надлежен јавен обвинител иницијатива за доставување писмено барање за поднесување Предлог за вклучување во Програмата за заштита согласно со Законот за заштита на сведоци или - до Јавниот обвинител на Република Македонија иницијатива за поднесување Предлог за вклучување во Програмата за заштита согласно со Законот за заштита на сведоци. 3) За проследувањето на пријавата од ставот (1) на овој член и за доставувањето на писменото барање од став (2) алинеи 1 и 2 на овој член, овластеното лице истовремено го известува укажувачот доколку е познат.
Член 12 (1) По примената пријава што е упатена до надлежна институција за која по проценката од членот 9од овој правилник се утврди дека истата е логична, разумна и содржи доволно елементи за понатамошно постапување, овластеното лице презема мерки во своја надлежност за постапување по пријавата односно ја проследува пријавата до службеното лице во институцијата надлежно за постапување во областа на која се однесува пријавата, откако претходно од пријавата ќе ги издвои личните податоци и податоците кои може да го разоткријат идентитетот на укажувачот доколку укажувачот барал да остане доверлив. (2) Овластеното лице на барање на укажувачот го известува за текот  и  дејствијата  кои  се  преземени  во  постапувањето по пријавата  и   му  овозможува  на укажувачот да изврши увид во списите на предметот оформен врз основа на неговата пријава согласно закон. (3) Доколку овозможувањето на увидот од ставот (2) на овој член односно пристапот до информациите во врска со постапувањето по пријавата може да има штетни последици за текот на постапката, овластеното лице ги одделува тие информации и за тоа го известува укажувачот и му овозможува увид во останатиот дел во содржината на известувањето односно во останатиот дел од списите на предметот.  (4) За исходот од постапката по предметот оформен по пријавата овластеното лице го известува укажувачот доколку е познат.
Член 13 (1) Овластеното лице изготвува полугодишен извештај за примени пријави од укажувачи кој содржи општи статистички податоци и податоци за оформени предмети по примени пријави.
Службен весник на РМ, бр. 46 од 8.03.2016 година
5 од 5
(2) Општи статистички податоци за кои задолжително се известува со полугодишен извештај се: a) вкупен број на примени пријави; б) број на примени пријави, по следните параметри: - форма и начин на достава на пријава (усна на записник, писмена по пошта, писмена по електронска пошта), - пријавено казниво односно недозволиво постапување, - категорија на лица во својство на укажувач, - позиција/работно место на пријавени лица, - доверливи укажувачи, - анонимни укажувачи, - укажувачи кои не се анонимни и кои не барале да бидат доверливи; в) вкупен број на укажувачи; г) број на анонимни укажувачи; д) број на доверливи укажувачи; ѓ) број на пријави кои се проследени до институција на надлежно постапување; е) број на пријави по кои институцијата постапила во рамки на своите надлежности; (3) Податоци за оформени предмети по примени пријави се: a) вкупен број на примени пријави; б) број на примени пријави по параметрите: - форма и начин на достава на пријава (усна на записник, писмена по пошта, писмена по електронска пошта), - пријавено казниво односно недозволиво постапување, - категорија на лица во својство на укажувач, - позиција/работно место на пријавени лица, - доверливи укажувачи, - анонимни укажувачи, - укажувачи кои не се анонимни и кои не барале да бидат доверливи; в) вкупен број на укажувачи кои доставиле пријави по кои се оформени предмети; г) број на анонимни укажувачи кои доставиле пријави по кои се оформени предмети; д) број на доверливи укажувачи кои доставиле пријави по кои се оформени предмети; ѓ) број на предмети оформени по примени пријави; е) преземени мерки за постапување по примените пријави; ж) статус на предметите оформени по примени пријави и исход од постапувањето по предметите.
Член 14 Овој правилник влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе отпочне да се применува со денот на отпочнувањето на примената на Законот за заштита на укажувачи („Службен весник на Република Македонија“ број 196/15).
Бр. 01-1122/1 3 март 2016 година Министер за правда, Скопје д-р Аднан Јашари, с.р

 

Овластено лице: Слободанка Попоска, директор, тел. 046 786 636, НУ Центар за култура - Струга ул.15-ти Корпус бб 6330 Струга slobodanka.poposka@gmail.com

Согласно член 2 став (3) од Правилникот за заштитено внатрешно пријавување во институциите од јавниот сектор (Сл.в. на Република Македонија бр.46-16) и член 2 став (4) од Правилникот за заштитено надворешно пријавување (Сл.в. на Република Македонија бр.46-16), пријавувањето  се врши до раководното лице Слободанка Попоска.

0 Коментари

Остави коментар

Коментирај