групна изложба „Прекрасен труп“ вторник 12 јуни 20 часот
Н.У. Центар за култура „Браќа Миладиновци“ Струга, Ве поканува на отварање на групната изложба „Прекрасен труп“, од неколку уметници од повеќе градови во Македонија: Ристе Пуцоски, Зорица Азеска, Иван Ивановски, Владимир Лукаш, Цветанка Темкова, Климент Манасиевски, Ели Аиновска, Ванчо Димоски.
„Прекрасен труп“ е надреалистичка техника за колективно создавање уметност. Секој додаток во оваа дефиниција ја ограничува и, следствено на тоа, ја прави неточна. Правилата на „играта“ се следните: првиот играч пишува реченица од еден ред на празен лист и го подава на вториот играч. Секој следен играч допишува уште по една реченица и го свива листот така што после свивањето се гледа само неговата (последната) реченица. Листот се врти во круг ce додека листот не се испише, а потоа текстот се чита на глас. Експериментот покажува дека ако друштвото е „на иста фреквенција“, може да се очекува забавен, фантастичен надреалистички текст со конзистентност во нарацијата, но дека и во нормален случај, текстот е луд и литерарно вреден.
Делата се изработени во различни техники, а целта е да се примени надреалистичката техника која се појавила во 1925 година и е осмислена од страна на надреалистите.