C Центар за Култура "Браќа Миладиновци" - Струга
Jul, 04

Перформанс „Змија“ - Исмет Рамиќевиќ

На летната сцена во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, денес, со почеток во 20.30 часот, истакнатиот македонски уметник Исмет Рамиќевиќ ќе го изведе перформансот насловен „Змија“.

– Проектот со перфмормансни содржини произлегува од милитантниот мултимедијален проект „Молк“, кој беше изведен во Музејот на Град Скопје. До сега се изведени перформансите – „Ритам“, „Ѓуле“ и „Шмирглање“, додека во Струга ќе го изведам перформансот „Змија“, а ќе преостанат перформансите „Сечење“ и „Бушење“. Сите овие наслови упатуваат на деструкција, на уништување на самиот милитантен објект – најавува Исмет Рамиќевиќ.
Перформансот ќе се одржи во рамките на првата ликовна колонија со наслов „Културен мост“, на која од 30 јуни до 5. јули во Струга учествуваат ликовни уметници од Грција и од Македонија.
Иницијативата за ликовната колонија „Културен мост“ е на Здружението на граѓани „Концепт“ од Скопје, додека во работата на колонијата се вклучени грчките уметници Ангелос Скуртис, Антигони Каввата, Ели Гравалу, Корнилиос Граменос, Марк Хаѕипатерас и Харалабос Кацацидис, како и уметниците од Македонија: Мирослав Масин, Сергеј Андреевски, Шќипе Мехмети, Исмет Рамиќевиќ, Натали Николовска и млади сликари од Струга.
Завршната изложба на учесниците на колонијата ќе биде отворена на 6-ти јули 2018 година, во 20 часот, во објектот Чифте Амам, при Националната галерија на Македонија во Скопје.
Ликовната колонија „Културен мост“ е поддржана од Министерството за култура на Република Македонија.
Организатор на ликовната колонија „Културен мост“ е на Здружението на граѓани „Концепт“ од Скопје. Проектот се реализира во соработка со Националната галерија на Македонија во Скопје и Домот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга. Медиумски покровител е порталот Плус Инфо, додека со спонзорство учествува винаријата „Тиквеш“.

2 Коментари

Остави коментар

Коментирај