Sep, 06

Фестивал на различностите

За проектот 

Заедниците во Република Македонија, а со тоа и припадниците на заедниците во регионот на Струга, Дебар, Кичево и покрај тоа што живеаат и споделуваат многу секојдневни потреби и навики, сепак живеат во релативно изолирани и речиси паралелни микросветови. Економската, а особено политичката ситуација во последниве години дополнително ги интензивира и сензитивизира локалните заедници создавајќи им или засилувајќи им ги веќе постоечките стереотипи и предрасуди на едните наспрема другите по етничка, религиозна, јазична и друга припадност. 
Овие тенденции се особено забележителни помеѓу помладите генерации, што резултираат со различни видови несогласувања, кои се манифестираат низ различни форми: игнорирање на другоста и нејзино непрепознавање, до вербално и физичко насилство едни кон други. 
Со проектот ВРЕДНУВАЊЕ НА РАЗЛИЧНОСТИТЕ – ПОЧИТУВАЊЕ НА ДРУГОСТА се реализираат препораките за преземање и реализирање програми, најпрво за интеркултурно образование, потоа мултикултурно и мултиетничко образование, меѓусебно комуницирање, воспоставување практики на меѓусебно запознавање и споделување знаења и секако, на ваков начин, намалување на ефектите од можните штети на постоечките стеротипи и предрасуди. Овие знаења треба да придонесат за зголемување на капацитетите на локалните заедници за себепочитување, вреднување на другоста кај другите заедници и презентирање на регионалните културни карактеристики како самоодржлива основа за развој на регионот во економска смисла, особено од аспект на локалните форми на туристичка презентација.
Општата цел на Проектот ВРЕДНУВАЊЕ НА РАЗЛИЧНОСТИТЕ – ПОЧИТУВАЊЕ НА ДРУГОСТА е воспоставување неформални форми за интеркултурен дијалог, мултукултурно и мултиетничко образование и запознавање на припадниците од различните заедници во регионите на Струга, Дебар и Кичево со културните вредности и обуки за почитување на другиот. Првата специфична цел е воспоставување неформали форми на младински активности со цел запознавање со специфичните форми на минатото во регионите, формите на споделена култура и препознавање на различностите низ истражување и презентација на нивните култури. Втората специфична цел е воспоставување неформални форми на младински активности со цел препознавање и идентификување на регионалните вредности и вредностите на различностите како основа за одржлив развој преку локални економски форми и туризам. 
Активностите во проектот се реализирани низ три работилници: 1. Разбирање на културата: Храна како средство за комуникација: „Ние сме тоа што јадеме!“; 2. Музиката, играта и песната се идентитет; 3. Работилница за разбирање на културите преку документарни фотографии со обука за документарна визуализација на општествената и културната средина. 
Резултатите од активностите се видливи на „Фестивалот на различностите“

Секојдневието низ објективот на проф. д-р Џоел Мартин Халперн (1954 г.) и младинците – учесници во проектот во 2018 година

„Една слика заменува сто зборови“ – вели една изрека. Визуелизацијата на секојдневното живеење е една од најважните форми на документирање и се користи, најверојатно откако постои човекот. Со појавата на фотографијата, документарноста на визуелизацијата станува уште повоочлива. 
Во 1954 г. во Струга и Струшко истражувале американските антрополози Џоел Мартин Халперн и Барбара Керевски Халперн. Во текот на нивниот престој направиле неколку стотини фотографии во Струга, најмногу низ пазарот, како и во околните села: Лабуништа, Велешта и др. 
Професорот Халперн и неговата сопруга Барбара како забелешки за Струга ќе напишат: „Имавме среќа да појдеме во Струга, помал град на северниот дел од езерото, кога беше пазарен ден. Овој пазар, од сите што ги имавме видено досега, беше најколоритен. Беше многу добро организиран и среден. Оваа година биле изградени редови од тули и дрвени полици со модерен дизајн, а, исто така, делот во кој се продава месо беше сместен во затворена зграда со стакла и камен под. Тоа беше исклучително функционално и атрактивно. На еден ред од тезгите беа производите на занаетчиите. Имаше опинци, керамички садови и комплети ножеви со рачки од рог. На друг ред беа продавачите на зеленчук, потоа имаше еден за продажба на сирење и друг за млечни производи. (Тука имаше најмногу жени.)…“ (Џоел Мартин Халпер, Барбара Керевски Џалперн, Писма од Македонија, ЕтноАнтропоЗум 4, 2004: 120-186). 

Настанот е дел од проектот „Декада на припадност – славење на различностите“ финансиран од Европската Унија

Настанот го организираат:
Здружение за локален развој и културно уметничко друштво „Драслајчанка“
Институт за етнологија и антропологија, Природно - математички факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје
Национална установа Центар за култура „Браќа Миладиновци“ – Струга
Граѓанско здружение за промоција и зачувување на влашката традиција и култура „Мбела“ – Струга
Здружение „Деборус“ – Дебар
Здружение „фортеса-Ш 2007“ - Кичево

0 Коментари

Остави коментар

Коментирај